МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ – 10 нови супер операциони сали

Шест сали веќе функционираат, а четири нови ќе бидат готови во наредните месеци.

МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ – 10 нови супер операциони сали
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во наредниот период ќе бидат ставени во функција вкупно 10 модерни операциони сали, оценувајќи дека ова претставува значаен чекор кон модернизација на здравствениот систем.

Тој истакна дека во моментов се пуштени шест сали, а во следните неколку месеци се очекува да бидат завршени уште четири, со што целиот процес ќе биде комплетиран.

Дополнително, од почетокот на летото се очекува да биде реализиран проект во Клиничка болница „8 Септември“, каде исто така ќе бидат пуштени во употреба нови, современи операциони сали.

„Со ова, ќе бидеме практично држава број еден во регионот кога станува збор за ваков тип на операциони сали“, изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека здравството останува еден од врвните приоритети на Владата, но дека се потребни длабоки и структурни реформи.

„Во здравството има многу работа што треба да се заврши. Потребни се фундаментални промени, и во менталитетот на политичарите, но и во менталитетот на кадарот“, додаде тој.

Мицкоски посочи дека реформите ќе се спроведуваат постепено, со оглед на ограничените ресурси, и дека Владата ќе продолжи да решава проблем по проблем.

Тој упати честитки до директорите, министерот и сите кои учествувале во реализацијата на проектите, најавувајќи дека во иднина ќе следуваат нови инвестиции за подобрување на здравствената заштита.

CATEGORIES
Share This