МАКЕДОНИЈА НА ИСТА ЛИНИЈА СО САД – Поздравено апсењето на Мадуро

Министерот Муцунски порача дека Македонија стои зад Соединетите Американски Држави и венецуелскиот народ во борбата за слобода и демократија

МАКЕДОНИЈА НА ИСТА ЛИНИЈА СО САД – Поздравено апсењето на Мадуро
Фото: Архива

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја поздрави акцијата на американските власти за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга. Во објава на својот профил на социјалната мрежа Икс, Муцунски истакна дека апсењето е за поздравување и дека Мадуро ќе се соочи со правдата.

„Ја поздравувам објавата на Доналд Трамп дека Николас Мадуро е уапсен и ќе се соочи со правдата“, напиша Муцунски.

Тој, исто така, упати пофални зборови за државниот секретар Марко Рубио, за неговото лидерство во борбата против нарко-криминалните мрежи поврзани со режимот на Мадуро.

„Одговорноста е важна. Ние стоиме зад Соединетите Американски Држави и венецуелскиот народ во стремежот кон слобода и демократија“, додаде тој.

Претходно, Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл соопшти дека САД извршиле голем воздушен напад врз Венецуела и дека Мадуро и неговата сопруга се заробени во операција спроведена со учество на американските агенции за спроведување на законот.

„Венецуелскиот лидер Мадуро е заробен и изнесен од земјата“, напиша Трамп.

Главната обвинителка на САД, Пам Бонди, соопшти дека Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се обвинети за повеќе кривични дела поврзани со дрога и оружје. Таа истакна дека „Мадуро наскоро ќе се соочи со целиот гнев на американската правда на американска почва, во американските судови“.

CATEGORIES
Share This