МАКЕДОНИЈА МУ ОДДАВА ПОЧИТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ -122 години бесмртно дело

Делчев загина на 4 мај 1903 година, во близина на селото Баница, во борба со османлиската војска.

МАКЕДОНИЈА МУ ОДДАВА ПОЧИТ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ -122 години бесмртно дело

Со положување цвеќе пред неговиот гроб во црквата „Свети Спас“ во Скопје, денеска се одбележуваат 122 години од смртта на македонскиот револуционер и идеолог на македонското ослободително движење, Гоце Делчев. Делчев загина на 4 мај 1903 година, во близина на селото Баница, во борба со османлиската војска.

Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш (денешен Килкис, Грција), Гоце Делчев е една од највлијателните фигури во историјата на македонската револуционерна борба. Тој беше еден од водечките организатори и идеолози на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), чија цел беше ослободување на Македонија од османлиската власт.

Делчев се образувал во Солунската гимназија и на Воената академија во Софија. Како учител во Штип и активен член на ТМОРО, работел на ширење на револуционерната мрежа, организирање чети и формирање комитети. Бил учесник на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година, а до 1901 година и задграничен претставник на Организацијата во Софија.

По неговото убиство, посмртните останки на Делчев прво биле чувани во Баница, потоа пренесени во Ксанти, а подоцна и во Софија. Во 1946 година, неговите коски биле пренесени во Скопје и положени во гробот во црквата „Свети Спас“, каде што и денес почиваат.

Во чест на Делчев, денеска делегации од Собранието, Владата, политички партии, здруженија и граѓани ќе положат цвеќе. Собраниската делегација ќе ја предводи потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, а ќе ја сочинуваат пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Сања Лукаревска и Павле Арсовски. Владината делегација ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

По повод годишнината, напладне во Собранието ќе биде доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година, за исклучителни остварувања во областа на науката од интерес за Република Македонија. На свеченоста ќе се обрати министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.

Годинашниот добитник на наградата е колективното научно дело „Македонски дијалектен атлас – од ризницата на картотеката-лексички материјали“, зад кое стои група од истакнати научници: проф. д-р Веселинка Лаброска, акад. проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Елена Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова.

Гоце Делчев и денес останува симбол на борбата за слобода и праведност, а неговото дело е темел на македонскиот национален идентитет.

CATEGORIES
Share This