МАКЕДОНИЈА ИНВЕСТИРА – Регионални електроенергетски интерконекции

Божиновска се обрати на министерски панел во Солун за дигитализација и интерконекции во Југоисточна Европа

МАКЕДОНИЈА ИНВЕСТИРА – Регионални електроенергетски интерконекции
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија, Сања Божиновска, учествуваше на министерскиот панел на високата конференција „Electricity, Digital and Regional Interconnectivity in South East Europe“ во Солун, Грција. Настанот ја означи официјалната почетна фаза на новиот проект на ОЕЦД за унапредување на електроенергетската поврзаност, дигитализацијата и регионалната соработка во Југоисточна Европа.

Конференцијата собра министри и високи претставници од земјите во регионот, како и претставници на ОЕЦД и европските институции, со цел да се дефинираат приоритетите за модернизација на електроенергетската инфраструктура, подобрување на регионалната интеграција на пазарите на електрична енергија и забрзување на зелената и дигиталната транзиција.

Во своето обраќање, министерката Божиновска истакна дека енергетските интерконекции и современите мрежи за земјите од регионот не се само дел од зелената транзиција, туку претставуваат клучен елемент за енергетската безбедност, економската конкурентност и интеграцијата со европскиот енергетски пазар.

„За земјите од Западен Балкан, посилните електроенергетски интерконекции и паметните мрежи се од суштинско значење и тие обезбедуваат стабилност на системите, поголема размена на електрична енергија и услови за поинтензивна интеграција на обновливите извори“, нагласи Божиновска.

Министерката потсети дека Македонија активно работи на неколку значајни проекти за регионално поврзување на електроенергетските системи. Меѓу нив е интерконекцијата Битола – Елбасан со Албанија, чиј почеток на градежните активности на македонска страна е планиран за март, со предвиден рок за реализација од околу 30 месеци.

Исто така, земјата вложува во зајакнување на исток-запад електроенергетскиот коридор во Западен Балкан, кој ќе ја поврзе македонската мрежа со Косово, овозможувајќи поголема преносна способност и стабилност на регионалниот систем.

Божиновска посочи дека се работи и на унапредување на постојната интерконекција Битола – Мелити со Грција, со техничка поддршка од Western Balkans Investment Framework, како и на новата интерконекција Струмица – Сандански со Бугарија, која е дел од пошироката регионална инфраструктура за електроенергетска поврзаност.

CATEGORIES
Share This