МАКЕДОНИЈА И СЛОВАЧКА ЈА ЗАЈАКНУВААТ ФИНАНСИСКАТА СОРАБОТА Средба на министрите за финансии

Меморандумот за соработка отвора нови можности за инвеститорите во регионот

МАКЕДОНИЈА И СЛОВАЧКА ЈА ЗАЈАКНУВААТ ФИНАНСИСКАТА СОРАБОТА Средба на министрите за финансии
Фото: Принтскрин

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска оствари официјална средба со својот словачки колега, Ладислав Каменицки. Двајцата министри разговараа за прашања од заеднички интерес и оценија дека постои значителен потенцијал за натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.

„Средбата беше многу плодна и суштинска. Македонија и Словачка се пријателски земји со заедничка визија и силен и стабилен регион интегриран во Европската Унија, со отворени пазари, развиени институции и стабилни економии“, истакна министерката по средбата.

Таа додаде дека Македонија има амбициозна агенда за јакнење на јавните финансии, фискална дисциплина, подобрување на деловното окружување и спроведување на проекти кои директно придонесуваат за економски раст, во согласност со препораките од последниот Извештај на Европската комисија. Димитриеска-Кочоска се заблагодари за поддршката на Словачка во областа на јавните финансии, борбата против даночното затајување и трансферот на know-how, што е значајно за евроинтеграцискиот процес и спроведувањето на економските и институционалните реформи од Реформската агенда.

Министерот Каменицки истакна дека средбата е важна за размена на искуства и понуди поддршка на Македонија во нејзиниот евроинтеграциски процес. Тој ја нагласи и важноста на Меморандумот за соработка во развојот на пазарите на капитал, потпишан меѓу седум земји од регионот, вклучително и Словачка и Македонија, и потенцијалните придобивки за инвеститорите.

Двајцата министри се осврнаа и на можностите за развој на пазарите на капитал, мерките за борба против сивата економија и поддршката за реформите поврзани со евроинтеграциите на Македонија.

CATEGORIES
Share This