МАКЕДОНИЈА ГО ПРЕЧЕКУВА СВЕТОТ Започнува најголемиот енергетски настан во регионот
Кулминација на форумот ќе биде потпишувањето на „Скопје декларацијата“ - документ со кој земјите учеснички ќе ги потврдат своите заложби за одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина.

Од 28 до 30 октомври 2025 година, Скопје ќе биде домаќин на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), кој оваа година ќе се одржи под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија / From Goals to Action: Powering the Future with Sustainable Energy“.
Настанот привлекува огромно внимание со повеќе од 1000 пријавени учесници од над 70 земји, меѓу кои се високи претставници на меѓународни организации, влади, академската заедница и бизнис-секторот. Главниот град на Република Северна Македонија ќе стане центар на глобалниот дијалог за иднината на енергетиката и одржливиот развој.
Форумот се организира од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН – UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA.
Свеченото отворање ќе се одржи на 28 октомври (вторник) во Македонската филхармонија, а ќе биде пренесувано во живо на Македонската радиотелевизија (МРТВ).
На церемонијата ќе се обратат: Христијан Мицкоски, премиер на Република Северна Македонија, Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Армен Григорјан, постојан претставник на Обединетите нации во Северна Македонија и Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на ОН за Европа (UNECE),
како и повеќе високи гости од владите, меѓународните институции и енергетскиот сектор.
Во текот на тридневниот форум ќе се одржат панел-дискусии, технички сесии и тематски разговори, посветени на најактуелните прашања од областа на енергетската безбедност, финансирањето на чиста енергија, дигитализацијата, управувањето со критични суровини, праведната транзиција, како и вклучувањето на младите и жените во енергетската трансформација.
Главната цел на IFESD-14 е премин од глобални цели кон конкретни акции – преку мерливи чекори за диверзификација на изворите на енергија, забрзување на инвестициите во обновливи извори и јакнење на регионалната соработка за енергетска стабилност.
Кулминација на форумот ќе биде потпишувањето на „Скопје декларацијата“ – документ со кој земјите учеснички ќе ги потврдат своите заложби за одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со тоа, Македонија го зацврстува своето место на глобалната енергетска мапа како кредибилен партнер во светската енергетска транзиција.


