МАКЕДОНИЈА ДОБИВА БРЗА ПРУГА Првите товарни возови до 2028, целосна завршница до 2031

Подготовките за пругата веќе започнаа, техничката документација се изработува

МАКЕДОНИЈА ДОБИВА БРЗА ПРУГА Првите товарни возови до 2028, целосна завршница до 2031
Фото: Принтскрин

Владата најави изградба на нова двоколосечна брза железничка пруга по Коридорот 10, која ќе поврзува границата со Србија и границата со Грција. Целта е првите товарни возови да почнат сообраќај до 2028 година, додека целата пруга да биде завршена до летото 2031 година.

Заменик-претседателот и министер за транспорт, Александар Николоски, објасни дека во моментов се одвиваат подготвителни работи на терен, изработка на техничка документација и студии за влијание врз животната средина. Проектот се реализира со поддршка и финансирање од Обединетото Кралство преку УКЕФ, а компанијата IRM е одбрана да ја изработи целата техничка документација.

Според најавите, клучната документација и анализи треба да бидат завршени до јуни или јули 2026 година. Првите градежни активности се очекуваат кон крајот на летото или почетокот на есента следната година. Рокот за изградба е пет години, со цел целосна завршница до 2031 година, а линијата за карго-превоз треба да биде готова до 2028 година.

Проектот ќе се реализира според моделот „проектирање и изградба“ во еден пакет, што значи дека целата одговорност ќе биде на изведувачот. Државата се обидува да избегне пролонгирање на роковите, анекси и дополнително зголемување на цената. Кредитот за изградба ќе почне да се отплаќа дури по завршувањето на проектот, со грејс-период колку што трае изградбата.

Паралелно со пругата, Министерството за транспорт работи на подобрување на карго-превозот. Пред потпишување е договор со австриската железница ÖBB, со кој македонски локомотиви и вагони би превезувале стока од пристаништето Пиреја до Виена. Завршувањето на брзата пруга ќе го трансформира Коридорот 10 од транзитен коридор во економска артерија што го поврзува македонскиот железнички систем со европските товарни и патнички мрежи.

CATEGORIES
TAGS
Share This