МАФИИ, ДРОГА И ИЗГУБЕНИ ЖИВОТИ – Вечерва на сцената на МНТ
Претставата ја прикажува суровата реалност на современото општество, каде парите се поважни од човечкиот живот.

Со вечервашното гостување на Црногорското народно позориште од Подгорица со претставата „Другата страна“ на сцената на Македонскиот народен театар од 20 часот ќе биде заокружено одбележувањето на 81 година од постоењето на МНТ.
Режисер на претставата е Борис Лијешевиќ, а драматургијата е на Стела Мишковиќ и Стефан Бошковиќ.
Улоги играат Александар Радуловиќ, Лазар Ѓурѓевиќ, Кристина Обрадовиќ, Зоран Вујовиќ, Сања Вујисиќ, Тихана Ќулафиќ, Жана Гардашевиќ Булатовиќ, Мирјана Спаиќ, Јован Дабовиќ, Јелена Ненезиќ, Ивона Раковиќ, Јелена Миниќ, Јулија Милачиќ Петровиќ Његош, Ања Мисовиќ, Анѓела Маруновиќ, Ана Вујошевиќ, Јадранка Мамиќ и Данило Челебиќ.
Претставата поставува прашања кои ја рефлектираат современата реалност: „Што ни се случува?“ „Како дојдовме до ова?“„Каде залутавме?“ „Како се излегува од ова?“
„Другата страна“ ја прикажува реалноста во која војната на клановите одзема десетици млади животи. Коцкарници се отвораат во поранешни библиотеки и културни центри, обложувалници покрај гимназии. Дрогата станува составен дел од секојдневието. Морнарите стануваат синоним за кокаински ланци. Човечкиот живот се мери само со тоа колку може да се наплати.
Човекот се наоѓа во канџите на мафии, босови, дилери и лихвари и кои стануваат идоли и авторитети, додека единечната мерка за успех е милионот. Во вакво време, секој се надева дека нема да го закачи „залутан куршум“ или експлозија, а децата пребрзо се иселуваат во странство за да се извлечат од овие услови.
Режисерот Борис Лијешевиќ вели:
„Претставата е приказна за време во кое Бог е синоним за пари, а молитвата – стекнувањето. За време кое не избира средства, кое го исцрпува должникот до последниот цент, кое човекот повеќе не го гледа човекот и го заборава постоењето. Време без лице, кое не прави разлика меѓу лице и опачина.“
Драматургот Стела Мишковиќ додава:
„Не можеме да ги затвораме очите пред фактот дека организираниот криминал навлезе во секоја клетка на општеството, разорува семејства и нè прави запчаници во својот механизам. Не нудиме решенија, туку прикажуваме застрашувачка слика на современото време. Сè додека не испиеме „црвената пилула“, живееме во овој матрикс.“
Драматургот Стефан Бошковиќ истакнува:
„Непријателот повеќе не е скриен. Го видовме, го разбиравме, а потоа го прифативме. Го гледаме низ сите пукнатини на системот и извртените вредности стануваат доминантен водич. Реалноста се претвора во театар, а граѓаните во актери и статисти.“
