МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ: Операта „Набуко“ од Верди на големата сцена на Националната опера и балет на 19 мај
Во рамките на 53. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди. Настанот ќе се одржи на 19 мај со почеток во 20:00 часот и ветува незаборавна вечер исполнета со драматична музика, импресивна сценографија и врвни интернационални уметници.

Под диригентската палка на реномираниот маестро Мирон Михаилидис од Грција, оваа голема продукција ја носи визијата на италијанскиот режисер Ренато Бонајуто. Сценографијата и костимографијата се дело на признатите уметници Флавио Арбети и Артемио Кабаси, додека кореографијата ја потпишува Маја Митровска-Богојевска. За светлото е задолжен Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога на Набуко ќе настапи шпанскиот баритон Луис Кансино, додека во улогата на моќната и комплексна Абигаиле ќе се претстави сопранот Ханјинг Цо од Кина. Македонската солистка Николина Јаневска ќе ја изведе улогата на Фенена, италијанскиот тенор Уго Тарквини ќе настапи како Исмаил, а басот Џовани Пароди, исто така од Италија, ќе го толкува ликот на Захарие. На сцената ќе се придружат и домашните уметници Диме Петров, Ана Ројдева и Дејан Стоев, како и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, заедно со ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.
„Набуко“ е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најзначајните дела на Верди кое ја означи пресвртната точка во неговата кариера. Премиерно изведена во 1842 година во миланската Скала, операта обработува тема инспирирана од библиската судбина на еврејскиот народ – нивната борба, страдање и прогон. Иако историските настани служат како позадина, приказната ја води динамичен спој на политички и романтични конфликти.
Најпознатиот момент од операта, хорската арија „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја“), која Верди ја компонирал во само една ноќ, е еден од најемотивните и најпрепознатливи музички симболи на надеж и слобода.
Не пропуштајте ја можноста да присуствувате на оваа спектакуларна изведба која ја слави музичката генијалност на Верди и ја носи магијата на операта во срцето на Скопје.


