ЛУЛКА НА ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА, ЕПИЦЕНТАР НА ВОЈНИ – Приказната за Блискиот Исток
Регион со огромно историско значење, чијшто современ изглед е резултат на колонијални договори, војни и геополитички интереси

Блискиот Исток денес опфаќа околу дваесет држави и претставува резултат на низа сложени историски процеси и политички одлуки донесени на почетокот на XX век. Актуелната американско-иранска ескалација со можен воен судир повторно го сврте вниманието на светската јавност кон овој регион, кој со децении е сцена на војни, нестабилност и геополитички судири.
Често нарекуван „лулка на цивилизацијата“, Блискиот Исток има клучна улога во светската историја. За целосно разбирање на денешните настани, неопходно е познавање на историскиот и геополитичкиот контекст, како и на прецизното значење на самиот поим и што всушност подразбираме под Блиски Исток?
Блискиот Исток претставува широка географска и културна област сместена на тромеѓето меѓу Југозападна Азија, Северна Африка и Источна Европа. Освен географска целина, тој е и простор на длабока културна, етничка и религиска разновидност.
Регионот има исклучително историско значење, бидејќи токму тука се развиле некои од најстарите цивилизации како што се месопотамската, персиската и хеленската. Во оваа област се појавиле и трите големи монотеистички религии: јудаизмот, христијанството и исламот, кои и денес коегзистираат во рамките на доминантната арапско-муслиманска културна матрица.
Покрај културната и историската важност, Блискиот Исток има огромно геополитичко значење. Неговата стратешка положба, со пристап до неколку мориња и клучни трговски рути, го прави природна граница меѓу Западот и Истокот. Дополнително, регионот располага со едни од највредните енергетски и минерални ресурси во светот како што се нафта, природен гас и други суровини неопходни за современата економија.
Во неговите територии се наоѓаат следниве држави: Сирија, Либан, Израел, Палестина, Јордан, Ирак, Иран, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Јемен, Египет, Кипар и Турција.
Терминот „Блиски Исток“ го вовел американскиот историчар и стратег Алфред Махан, кој со него ја означувал областа околу Персискиот Залив, Иран, Авганистан и Пакистан. По Втората светска војна, значењето на поимот се проширило и почнало да ги опфаќа и териториите на поранешното Отоманско Царство, заедно со Иран и земјите од Заливот.
Современото разбирање на Блискиот Исток е длабоко вкоренето во колонијалната историја. По Првата светска војна, во 1920 година, Франција и Обединетото Кралство ја поделија територијата на поразеното Отоманско Царство, уверени дека европската управа ќе донесе стабилност и напредок.
Со тајниот договор Сајкс-Пико, Франција доби влијание врз Сирија и Либан, додека Обединетото Кралство ја презеде контролата врз денешните Ирак, Јордан и Палестина. Овој процес, надгледуван од Друштво на народите, не само што ги исцрта современите граници, туку и ги постави темелите за идните конфликти и за експлоатација на природните ресурси во регионот.
Многу од денешните кризи, од арапско-израелскиот конфликт до војните во Персискиот Залив и Ирак директно произлегуваат од одлуките донесени во тој период. И покрај тоа, токму тогаш воспоставените граници во најголем дел опстанаа до денес, а голем број држави се развија под силно централизирани и авторитарни режими, фокусирани на зачувување на националниот интегритет.
По распадот на Отоманското Царство, во англискиот јазик терминот „Near East“ (Блиски Исток) постепено бил заменет со „Middle East“ (Среден Исток), со цел да се избегне забуна. Западниот свет под „Near East“ порано го подразбирал европскиот, балкански дел на империјата, додека академската јавност продолжила да го користи поимот Блиски Исток за Левантот и Арапскиот Полуостров.
Соединетите Американски Држави официјално го вовеле терминот „Среден Исток“ во 1957 година, во рамките на политиката позната како Ајзенхауерова доктрина, формулирана од претседателот Двајт Ајзенхауер за време на кризата со Суецкиот Канал. Денес, во американската и меѓународната политичка употреба, терминот Среден Исток доминира и во суштина го означува она што во нашиот јазик традиционално го нарекуваме Блиски Исток.


