ЛОВ НА ВЕШТЕРКИ ИЛИ ПРАВДА – Судењето за политичката иднина на Ле Пен започнува денес
Првостепената пресуда ја забрани Ле Пен да се кандидира за јавна функција пет години

Апелациониот суд во Париз денеска започнува со разгледување на жалбата на лидерката на француската опозиција, Марин Ле Пен, против првостепената пресуда која ѝ забрани да се кандидира за јавна функција во следните пет години.
Судењето се очекува да трае еден месец, а конечната одлука се прогнозира до летото. Резултатот ќе биде клучен за тоа дали Ле Пен ќе може да се кандидира на претседателските избори во 2027 година. Во моментов, лидерката на Националниот собир води во сите релевантни анкети, објави France 24.
Првостепената пресуда е изречена во март минатата година, кога Ле Пен беше осудена на четири години затвор и парична казна од 100.000 евра, заедно со забрана за вршење јавна функција. Судот утврди дека таа и уште 24 поранешни членови на Европскиот парламент злоупотребиле 3,2 милиони евра од фондовите на ЕУ. Дванаесетмина од осудените поднесоа жалба на пресудата.
По изрекувањето на пресудата, претседателот на судот, Бенедикт де Пертуис, доби закани со смрт и доби полициска заштита. Во меѓувреме, германскиот „Шпигел“ објави дека Вашингтон разгледува можност за воведување санкции против судиите кои ја осудија Ле Пен. Американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваше пресудата, нарекувајќи ја „лов на вештерки“ и јавно повика на нејзино ослободување.
Доколку Апелациониот суд ја потврди првостепената одлука, Ле Пен може да поднесе жалба до Касациониот суд. Неговиот претседател, Кристоф Сулар, најави дека судот ќе се обиде, „доколку е можно“, да донесе одлука пред претседателските избори.
Постојат и други сценарија во смисла дека Ле Пен би можела повторно да биде осудена, но без забрана за вршење јавна функција или со пократок временски рок. Во тој случај, таа би можела да се кандидира, но со сериозно нарушен политички легитимитет. Ако не биде кандидат, Националниот собир најави дека ќе учествува на изборите со својот претседател Џордан Бардел, кој според анкета од крајот на ноември е фаворит во трката.


