ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ Увид во Избирачкиот список од 23 август до 11 септември
Граѓаните можат да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци во списокот писмено до подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, или по електронска пошта.

Во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври, од сабота (23 август) започнува јавниот увид во Избирачкиот список. Увидот ќе трае 20 дена, до 11 септември на полноќ.
Граѓаните можат да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци во списокот писмено до подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, или по електронска пошта. Со барањето задолжително се приложуваат потребните докази.
Исто така, увид е овозможен и за лица во притвор или затвор, кои барањата ги поднесуваат преку надлежниот орган за санкции.
ДИК е должна да одлучи по секое барање во рок од 24 часа. Ако барањето биде одбиено, граѓанинот може да поднесе тужба до Управниот суд, кој исто така решава во рок од 24 часа. Одлуката на судот станува составен дел на Избирачкиот список.
-
Политичките партии најдоцна до 11 септември може да поднесат барање до ДИК за добивање на списокот.
-
ДИК го доставува списокот најдоцна до 14 септември.
-
Партиите потоа имаат рок до 19 септември за барања за промени. ДИК решава во рок од три дена, а евентуални жалби одат во Управниот суд кој одлучува за 24 часа.
-
МВР – до 12 септември доставува листа на граѓани кои извадиле нови лични карти или ќе наполнат 18 години до денот на изборите.
-
Управата за санкции – до 18 септември доставува податоци за лица во притвор или на издржување казна.
-
Министерството за социјална политика – до 18 септември доставува податоци за лицата сместени во установи за вонсемејно згрижување.
-
Основните судови – до 18 септември доставуваат податоци за лица со одземена деловна способност или со мерка притвор.
По завршувањето на сите постапки, ДИК го заклучува Избирачкиот список најдоцна до 26 септември.
Официјално потпишаниот список, односно изводите на кои ќе се гласа, се објавуваат до 3 октомври, петнаесет дена пред изборите.


