ЛОКАЛЕН ДОЖД И СНЕГ НА ПЛАНИНИТЕ – Северозападниот регион со замрзнати коловози, регистрирани бројни сообраќајни незгоди
Променливо облачно со локален дожд и снег на планините - во западните делови се очекуваат повремени врнежи, додека на повисоките планини ќе има снег.

Времето денеска (03.01) ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег и температура во интервал од -4 до +8 информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија.
Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец.
Времето и метеоролошките параметри за Скопје: Променливо облачно. Во делови од котлината ќе има услови за повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец.
T=8°C. P=973hPa. U=65%. V=4m/s.
Во текот на изминатото деноноќие поради пад на температурите, коловозите во северозападниот регион на државата замрзнале. Како последица на тоа, биле примени бројни пријави од возачи и граѓани.
Според информациите од полицијата на патот Тетово – Гостивар регистрирани се две сообраќајни незгоди, од кои една е верижна со учество на 10 возила. На локалниот пат Пирок – Боговиње се случила една сообраќајна незгода додека на патот Тетово – с. Требош исто така е регистрирана една сообраќајна незгода.
За една од незгодите не бил побаран увид.
Во Гостивар се пријавени вкупно 15 сообраќајни незгоди од кои на 10 е извршен увид од полиција. За 5 незгоди увид не бил побаран, поради договор меѓу оштетените страни.
Покрај тоа, пристигнале бројни пријави од граѓани од Тетово, Гостивар и околните населени места за замрзнати споредни и локални улици.


