ЛЕТНО КИНО ПОД ЅВЕЗДИТЕ ВО УМИН ДОЛ Филмска ревија на ученички и наградувани македонски филмови
Со овој настан, Умин Дол се претвора во мала филмска оаза, каде што културата, креативноста и заедништвото добиваат своја сцена – под отворено небо.

Фото-кино клубот „Козјак“ – Куманово, во соработка со Основното училиште „Карпош“ и здружението Рурал Ума Сто, денеска организира филмска ревија на отворено, во рамки на настан осмислен како летно кино на училишното игралиште во селото Умин Дол.
Настанот ќе ги обедини љубителите на филмот, младите автори и локалната заедница во едно незаборавно филмско доживување. Во програмата се вклучени филмски проекти изработени од учениците, кои претходно беа претставени на државниот конкурс „Средби под јаворите“, посветен на македонскиот писател Видое Подгорец.
Публиката ќе има можност да ги погледне и две значајни остварувања од македонската краткометражна продукција. Ќе биде прикажан филмот „Налепница“ на режисерот Георги М. Унковски, со актерот Сашко Коцев во главната улога – филм кој ја понесе наградата за најдобар домашен филм на фестивалот ФИЛМАЈ во 2020 година. Програмата продолжува со проекција на „Јуан од соседството“, дел од официјалната селекција на годинашното издание на ФИЛМАЈ 2024.
Ревијата се реализира како дел од годишната програма на ФИЛМАЈ фестивалот на краток филм, кој е поддржан од Општина Куманово и Агенцијата за филм на Северна Македонија. Организаторите најавуваат пријатна атмосфера, дружење и можност за младиот филмски глас да биде чуен.


