ЛЕБОТ ПОСКАПУВА – Подгответе се за нови цени од утре

Пекарите веќе ја коригираат цената на бел леб од 450 грама, а причината е поскапувањето на суровините и горивата.

ЛЕБОТ ПОСКАПУВА – Подгответе се за нови цени од утре
Фото: Принтскрин

Во некои пекарници во Штип, Кочани, Прилеп и Битола се очекува зголемување на цената на одредени видови леб веќе од утре, а на некои места веќе имало корекции. Најавите се дека цената на белиот леб од 450 грама ќе се зголеми за 3 до 5 денари, но секоја пекара индивидуално одлучува за цените, велат од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора.

„Имаме информации дека некои поединечни пекари, членки и не членки на нашата групација, веќе ја зголемиле цената. Но тоа е поединечно, и секој пекар сам одлучува како ќе постапи“, изјави Горан Малишиќ, претседател на групацијата.

Според Малишиќ, конфликтот на Блискиот исток го зголемил трошокот за набавка на суровини, производство и дистрибуција.

„Зависно од резервите на пекарите и од тоа како новите набавки влијаат на цените, можно е зголемување за десетина проценти и повеќе“, додава тој.

Корекциите на цените на лебот следат по поскапувањето на маслото, јајцата, овошјето и зеленчукот. Експертите предупредуваат дека повисоката цена на горивата ќе ја поттикне инфлаторната спирала, што може да предизвика зголемување и на другите цени.

Од Владата велат дека состојбата се следи внимателно, и доколку биде потребно, ќе се донесат нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните.

CATEGORIES
Share This