ЛАМИНЕ ЈАМАЛ ПОТПИША ДО 2031 – Но без фотографии поради баба му и Ансу Фати
Овој гест на Јамал говори многу за неговиот карактер - зрелост, скромност и почит, иако има само 17 години. Наместо да ја стави славата во преден план, младиот ас ја покажа својата човечка страна, што дополнително го зацврстува неговиот статус не само како играч, туку и како личност за пример во светот на фудбалот.

Ламине Јамал и официјално стави потпис на новиот договор со Барселона, што беше клучен приоритет за каталонскиот клуб по завршувањето на сезоната. Младиот талент ќе остане на „Камп Ноу“ најмалку до летото 2031 година, а во договорот е вклучена ослободителна клаузула од неверојатна една милијарда евра. Со новиот договор, платата на Јамал значително ќе се зголеми, позиционирајќи го меѓу најплатените фудбалери во тимот.
Сепак, она што изненади многумина е отсуството на официјални фотографии од потпишувањето. Барселона традиционално го документира секој ваков чин, но овојпат тоа изостана. Причината, како што пренесуваат шпанските медиуми, доаѓа од самиот Јамал.
Младиот фудбалер одбил да се фотографира поради емотивна причина – неговата баба Фатима, која имала клучна улога во неговото воспитување, не можела да присуствува на настанот. Јамал, кој никогаш не ја заборава поддршката што ја добивал од неа, побарал фотосесијата да се презакаже, што челниците на клубот со разбирање го прифатиле. Официјалното фотографирање е закажано за 13 јули, веднаш пред стартот на подготовките за новата сезона.
Но бабата не била единствената причина. Според информациите, Јамал одбил да се фотографира и поради почит кон соиграчот Ансу Фати. Иако му е доделен дресот со број 10 – симболично и значајно признание – Јамал не сакал да се појави во јавноста со тој број додека Фати сè уште е официјално дел од Барселона. Се очекува Фати наскоро да се пресели во Монако, по што фотографиите со новиот дрес ќе станат јавни.
Овој гест на Јамал говори многу за неговиот карактер – зрелост, скромност и почит, иако има само 17 години. Наместо да ја стави славата во преден план, младиот ас ја покажа својата човечка страна, што дополнително го зацврстува неговиот статус не само како играч, туку и како личност за пример во светот на фудбалот.


