ЛА ЛИГА ВО ОГАН – Тебас тврди дека Реал ја вжештува атмосферата
Претседателот на Ла Лига остро го критикува Реал за обвинувања против судиите и Барселона

Нема мир во шпанскиот фудбал, а уште помалку во Ла Лига, особено во период кога жестоката полемика, па дури и „војна“, меѓу Барселона и Реал Мадрид е на врвот. „Кралскиот клуб“ најгласно ја води оваа битка преку својата клупска телевизија, но и претседателот Флорентино Перез, кој во еден свој едночасовен говор дури 55 минути посвети на обвинувањата дека судиите со години ѝ помагале на Барселона.
Како кулминација на целата ситуација, во расправијата се вклучи и првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас. Во изјава за шпанските медиуми, тој директно го посочи Реал Мадрид како главен виновник за создавањето тензии.
„Барселона не ги подига тензиите во овој случај, ниту пак другите клубови. Реал е тој што е против сè – против Барселона, против судиите, против сите. Сметам дека тоа што го прават е погрешно и нивниот наратив не му помага никому“, изјави Тебас.
Првиот човек на Ла Лига дополнително предупреди дека Реал Мадрид опасно ги поврзува сегашните судиски грешки со настани од пред осум години.
„Реал ги поврзува денешните судиски грешки со случувањата од 2017 или 2019 година и се обидува да создаде наратив дека судиите денес се под некакво влијание. Тоа е многу опасно, затоа што не е вистина. Токму Реал го создаде тој наратив и поради тоа се зголемува тензијата“, истакна Тебас.


