(ФОТО) КУЌИ ВО ПЛАМЕН, ПРАВДАТА УШТЕ ВО МРАК: На Бабуна запалена и викенд-куќата на македонскиот активист Игор Јорданов

Пет години гори по течението на Бабуна и извршителите се во притвор, но вистинските нарачатели сè уште се на слобода

(ФОТО) КУЌИ ВО ПЛАМЕН, ПРАВДАТА УШТЕ ВО МРАК: На Бабуна запалена и викенд-куќата на македонскиот активист Игор Јорданов
Фото: Национал

Продолжува серијата палења на куќи и викендици во еден од најубавите природни предели во Македонија, сместен по горното течение на реката Бабуна, во атарот на поранешната општина Богомила, односно во селото Капиново, кое се наоѓа на патот кон Нежилово.

Во изминатите пет години, во овој регион се запалени неколку викендици и семејни куќи. Најновиот случај е од мај минатата година, кога била запалена куќата на македонскиот патриот и активист за заштита на националните и државните интереси, Игор Јорданов од Скопје.

Јорданов пред околу петнаесет години се вратил од странство во татковината и се населил во овој крај, привлечен од исклучителните природни убавини долж реката Бабуна. Во неговиот случај, полицијата ги има идентификувано извршителите, кои во моментов се во притвор. Сепак, Јорданов, како и останатите сопственици на запалените објекти, смета дека клучно е пред лицето на правдата да бидат изведени и нарачателите на овие кривични дела, кои засега остануваат непознати за истражните органи.

„Национал“ стапи во контакт со Игор Јорданов, кој за нашиот медиум кусо изјави дека сопствениците на запалените објекти располагаат со одредени сознанија за тоа кои се нарачателите и кои се мотивите за ваквите дејствија, но дека во интерес на истрагата засега не може да изнесува детали.

Тој изрази надеж дека полицијата и надлежните истражни органи ќе ја завршат својата работа професионално и дека сите инволвирани ќе бидат изведени пред судот, со што, како што вели, конечно ќе завладеат мирот и спокојството меѓу жителите на овој крај.

CATEGORIES
TAGS
Share This