КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ Прикриле прекршок на братот на градоначалникот на Гази Баба

Тие се сомничат дека на 20 април 2025 година свесно фалсификувале службена документација со цел да прикријат прекршок направен од блиско лице до локален функционер.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДВАЈЦА ПОЛИЦАЈЦИ Прикриле прекршок на братот на градоначалникот на Гази Баба

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против двајца полициски службеници од СВР Скопје, поради прикривање на сообраќаен прекршок направен од братот на градоначалникот на општина Гази Баба.

Станува збор за Д.К., кој работи како помлад полицаец, и Б.Д., полицаец за безбедност на патниот сообраќај. Тие се сомничат дека на 20 април 2025 година свесно фалсификувале службена документација со цел да прикријат прекршок направен од блиско лице до локален функционер.

Според информациите од МВР, Д.К. првично издал прекршочен платен налог и записник на вистинскиот сторител на сообраќајниот прекршок. Подоцна, со намера да го прикрие прекршокот, тој ги преправил документите така што на вториот примерок со пенкало ги внел податоците на друго лице, кое воопшто не било присутно на местото на настанот и не било контролирано од страна на патролната служба. Ова лице, според МВР, е познато како чест сторител на сообраќајни прекршоци.

Б.Д., како одговорен на патролата, иако бил запознаен со вистинската ситуација, му помогнал на колегата во извршувањето на делото. Во официјалните извештаи за тој ден – прегледот на контролирани возила и извештајот од радарската контрола – најпрвин биле внесени точните податоци за сторителот. Подоцна, истите биле изменети со лажните податоци, со цел да се совпаднат со фалсификуваните документи.

МВР најави дека ќе поведе дисциплинска постапка против осомничените, а како привремена мерка тие ќе бидат суспендирани од своите работни места до завршување на постапката.

Случајот предизвика големо внимание во јавноста, особено поради наводната вмешаност на роднина на актуелен градоначалник, што отвора дополнителни прашања за политички притисоци и злоупотреба на службена положба.

CATEGORIES
Share This