КРИВИЧЕН ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА АДИТИВ Почнува судскиот процес

Случајот „Адитив“ се смета за еден од посериозните процеси против организиран криминал во земјата, со значајни импликации врз системот на јавни набавки и финансирање.

КРИВИЧЕН ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА АДИТИВ Почнува судскиот процес

Основниот кривичен суд Скопје го одобри во целост обвинителниот акт за случајот „Адитив“, поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 27 февруари годинава. Со оваа одлука се отвора кривично-правен предмет кој преку автоматизираниот АКМИС систем ќе биде распределен на понатамошно постапување кај надлежен судија.

Од судот информираа дека Советот за оценка на обвинителен акт, постапувајќи по предметот со ознака КО бр. 108/24, ги ценел наводите и приговорите содржани во обвинението и донел решение со кое целосно се одобрува обвинителниот акт. Новоформираниот предмет доби број КОК бр. 73/25, а терминот за главна расправа ќе биде објавен на веб-страницата на судот, во Календарот за судења.

Обвинителниот акт опфаќа 31 физичко и пет правни лица, кои се товарат за серија кривични дела поврзани со организиран криминал и злоупотреби во јавните набавки.

Според ОЈО ГОКК, првообвинетиот се товари за кривично дело „Несовесно работење во службата“, додека шест лица се обвинети за „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“. Четворица од нив се обвинети и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Дополнително, 12 лица се обвинети за „Злосторничко здружување“ и „Продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување“, од кои двајца се товарат и за перење пари. Четири лица се обвинети за „Злосторничко здружување“ и „Перење пари“, додека други четворица за „Продолжена злоупотреба на службена положба“. Последните четири обвинети се товарат исклучиво за перење пари.

Случајот „Адитив“ се смета за еден од посериозните процеси против организиран криминал во земјата, со значајни импликации врз системот на јавни набавки и финансирање.

CATEGORIES
Share This