КРАЛОТ ЧАРЛС III РЕАГИРА – Многу сум загрижен за апсењето на брат ми, законот мора да си го земе својот тек

Поранешниот принц е осомничен за злоупотреба на јавен сервис, а Чарлс III ја истакна целосната поддршка на институциите.

КРАЛОТ ЧАРЛС III РЕАГИРА – Многу сум загрижен за апсењето на брат ми, законот мора да си го земе својот тек
Фото: Принтскрин

Британскиот крал Чарлс III денеска соопшти дека со „длабока загриженост“ ја примил веста за апсењето на неговиот брат, поранешниот принц Ендру Маунтбатен-Виндзор, осомничен за злоупотреба на јавна функција. Кралот истакна дека „законот мора да си го земе својот тек“ и дека надлежните органи имаат целосна поддршка и соработка од кралското семејство.

„Веста за Ендру Маунтбатен-Виндзор и сомневањата за злоупотреба на јавниот сервис ја примив со длабока загриженост“, изјави Чарлс III во соопштението потпишано од него, објавено од Би-Би-Си.

Кралот нагласи дека следи „целосна, фер и соодветна постапка“ во која случајот ќе биде истражен од надлежните институции на правилен начин, додавајќи дека кралското семејство ќе обезбеди „целосна и безрезервна поддршка и соработка“.

„Сакам јасно да кажам, законот мора да си го направи своето“, додаде Чарлс III, истакнувајќи дека не е соодветно да дава дополнителни коментари за случајот додека трае постапката.

Тој додаде дека кралското семејство и натаму ќе ги извршува своите должности и ќе им служи на граѓаните на Велика Британија.

Порано денеска, поранешниот принц Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен во својот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на својот 66-ти роденден, пренесе британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.

Апсењето е извршено под сомнение за злоупотреба на јавна функција. Полицијата ги разгледува обвинувањата против Маунтбатен-Виндзор од досието на осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, кои вклучуваат споделување на чувствителни информации и обвинувања за сексуална злоупотреба за време на неговиот мандат како британски трговски претставник.

CATEGORIES
Share This