КРАЈ НА СКАПИТЕ РОАМИНГ СМЕТКИ – ЕУ го проширува моделот и на Западен Балкан
Европската комисија предлага започнување преговори со шест земји од Западен Балкан за роаминг без дополнителни трошоци

Европската комисија денеска предложи отворање преговори со шесте земји од Западен Балкан за целосно укинување на таксите за роаминг, со што граѓаните би можеле да користат мобилни услуги без дополнителни трошоци при патување меѓу регионот и Европската Унија.
„Неочекувано високите сметки за користење мобилни телефони се нешто што веќе не постои во рамките на ЕУ, а денес предлагаме таа придобивка да се прошири и на Западен Балкан“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос, пренесува Хина.
По склучувањето на договорите со секоја од земјите и целосното усогласување со правилата за роаминг на ЕУ, патниците ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилни податоци по исти цени како во својата матична земја, без дополнителни роаминг-трошоци.
Следен чекор е Совет на ЕУ да ѝ додели мандат на Европската комисија за започнување преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија. По добивањето на мандатот, Комисијата ќе води билатерални преговори со секоја од земјите поединечно.
Роамингот во рамките на Европската Унија официјално беше укинат на 15 јуни 2017 година, по што корисниците плаќаат повици, пораки и мобилни податоци по домашни цени додека патуваат низ земјите членки.


