КРАЈ НА ПРАВНАТА БИТКА – Реал Мадрид и УЕФА се договорија
По месеци преговори, УЕФА и Реал Мадрид постигнаа принципиелен договор кој ќе ги реши правните спорови околу Европската суперлига.

УЕФА и Реал Мадрид конечно постигнаа договор кој го завршува нивниот долгогодишен правен спор околу неуспешниот проект за Европската суперлига, соопштија во среда шпанскиот клуб и европското фудбалско тело.
По месеци преговори, постигнат е принципиелен договор насочен кон промовирање на доброто на европскиот клупски фудбал, објави „Ројтерс“.
УЕФА, Европската клупска асоцијација (ЕКА) и Реал Мадрид потврдија дека договорот ќе ги почитува спортските вредности и ќе послужи како основа за решавање на правните спорови поврзани со Европската суперлига.
Во 2021 година, Реал Мадрид беше еден од 12-те клубови кои ја поддржаа идејата за создавање ново натпреварување. Сепак, УЕФА успеа да го сопре проектот. Прво, шесте англиски клубови се повлекоа, а потоа и останатите учесници го напуштија проектот.
Во меѓувреме, УЕФА реформираше неколку свои натпреварувања, па Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига се играат во нов формат веќе две години.
Барселона беше претпоследниот клуб кој се повлече од проектот минатата недела, оставајќи го Реал Мадрид како последен застапник на идејата.
Во декември 2023 година, се обиде повторно да се оживее концептот преку проектот Unify League, кој требаше да вклучува 96 клубови поделени во четири лиги. Меѓутоа, иницијативата не доби доволно поддршка, соочувајќи се со отпор од големите лиги како Ла Лига и Премиер лигата.


