КРАЈ НА НОВАТА ЕРА – Чаби Алонсо доби отказ од Реал

Поразот од Барселона во Суперкупот ја прели чашата кај раководството

КРАЈ НА НОВАТА ЕРА – Чаби Алонсо доби отказ од Реал
Фото: Принтскрин

Она што започна како голема надеж и „нова ера“ на „Сантијаго Бернабеу“, заврши брзо и болно. Реал Мадрид попладнево официјално потврди дека Чаби Алонсо повеќе не е тренер на првиот тим. Одлуката следува веднаш по поразот од Барселона (3-2) во финалето на шпанскиот Суперкуп, кој беше капката што ја прели чашата кај раководството.

Иако клубот во официјалното соопштение наведува дека разделбата е „по заеднички договор“, јасно е дека притисокот од лошите резултати во последните два месеци и немирите во соблекувалната имаа големо влијание.

„Чаби Алонсо секогаш ќе ја ужива наклонетоста и восхитот на сите Мадридисти бидејќи е легенда на клубот и секогаш ги претставуваше нашите вредности. Реал Мадрид секогаш ќе биде негов дом“, стои во емотивното, но професионално збогување од клубот.

Алонсо го презеде тимот во јуни 2025 година како наследник на Карло Анчелоти, но неговиот престој траеше само седум месеци. Иако воведе модерен стил и оствари 24 победи од 34 натпревари, петте порази од Барселона во последните шест меѓусебни дуели беа неподносливи за Флорентино Перез. Проблемите со повредите на клучните играчи и недоразбирањата со ѕвездите како Винисиус дополнително ја отежнаа неговата мисија.

Додека Чаби си ги пакува куферите, веќе се шпекулира за неговиот наследник. Алваро Арбелоа, кој успешно го води тимот на Кастиља, е фаворит за привремено решение, додека имињата на Јирген Клоп и Зинедин Зидан повторно се спомнуваат како можни избори за идната стратегија на „Бернабеу“.

CATEGORIES
TAGS
Share This