КРАЈ НА ГУЖВИТЕ Граѓаните добиваат брзи и модерни услуги во МРТВ
Со оваа реконструкција, Министерството за внатрешни работи поставува нови стандарди во начинот на обезбедување административни услуги за граѓаните, ставајќи акцент на ефикасност, пристапност и достоинствен третман.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска официјално го пушти во употреба реконструираното Одделение за управни работи – Скопје, кое се наоѓа во зградата на Македонската радио-телевизија (МРТВ). На настанот присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Како што изјави министерот Тошковски, реконструкцијата на одделението, кое е во надлежност на Министерството за внатрешни работи и обезбедува најголем дел од административните услуги за граѓаните, започна кон крајот на октомври минатата година. Оваа инвестиција, според министерот, била дел од стратешкиот план на раководството на МВР со цел граѓаните да добијат брзи, ефикасни и достоинствени услуги.
„Веќе нема да има хаос, неред и нарушено достоинство при вадење лични документи. Целта е граѓаните да можат да добијат услуга брзо, ефикасно и во пријатна средина, како што заслужува секој македонски граѓанин“, истакна Тошковски.
Во рамки на реконструкцијата, опремени се 20 нови кабини за фотографирање, кои ќе извршуваат повеќе функции и ќе овозможат поширок спектар на услуги. Целосно е обновена и шалтер салата, каде што ќе се издаваат патни исправи и лични карти по редовна и итна постапка, возачки дозволи, уверенија за државјанство, документи за прием и отпуст од државјанство, промена на лично име, како и услуги поврзани со возила.
Дополнително, реконструирани се околу 15 канцеларии за вработените, како и санитарните јазли. Инсталиран е нов централен систем за ладење и греење, а надворешниот дел на објектот е сервисно обработен за да се постигне поголема енергетска ефикасност.
Министерот најави и дека МВР паралелно работи на процесот на дигитализација на своите услуги, кои ќе бидат сè подостапни онлајн. Истовремено, ќе продолжи отворањето нови канцеларии за управни служби на локации каде што сè уште не се достапни, како и реконструкција на постојните.
Со оваа реконструкција, Министерството за внатрешни работи поставува нови стандарди во начинот на обезбедување административни услуги за граѓаните, ставајќи акцент на ефикасност, пристапност и достоинствен третман.


