КРАЈ НА БАЛАНСЕРОТ – Помина на влада новиот закон кој го менува начинот на вработување во државата
Координативно тело ќе го следи спроведувањето на законот и ќе гарантира правична застапеност.

Владата на Република Северна Македонија направи значаен чекор кон воспоставување системски ред во јавната администрација со усвојувањето на Законот за правична и соодветна застапеност. Овој закон, за првпат, дава конкретна законска рамка на уставниот принцип за застапеност на заедниците и станува задолжителен за сите државни институции.
Законот е реакција на укинувањето на „Балансерот“ од страна на Уставниот суд, што означува крај на привремените механизми и импровизации во процесот на вработување и застапеност.
Клучни новини во законот се формирање од страна на владата на посебно координативно тело кое ќе го следи спроведувањето на законот и ќе мониторира и ќе гарантира дека законот се применува во пракса. Министерот за европски прашања, Беким Сали, истакна дека ова е клучно, бидејќи без конкретна одговорност, законот ризикува да остане само формален.
Се предвидува вработувањата да се вршат според квалификации, стручност и компетенции. Етничката припадност се зема предвид само како второстепен фактор, во случаи кога кандидатите имаат еднакви резултати.
Во рок од 6 месеци ќе се донесат сите подзаконски акти потребни за целосна имплементација во сите институции. Посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните од подзастапените заедници, при што примарен критериум останува стручноста, а припадноста кон заедницата се користи само како секундарен критериум во случаи на еднакви квалификации.
