КРАЈ НА 133 ГОДИШНА ИСТОРИЈА – Вториот најстар клуб во Холандија остана без лиценца

Витезе, вториот најстар клуб во Холандија, дефинитивно останува без професионална лиценца откако судот во Утрехт ја потврди одлуката на Фудбалската асоцијација на Холандија и Комисијата за лиценцирање. Со ова, клубот од Архем исчезнува од професионалната сцена по 133 години историја, оставајќи ја Спарта Ротердам како единствен постар холандски клуб.
Асоцијацијата и Комисијата одбија да издадат лиценца поради долгогодишно заобиколување на правилата и „поткопување на системот за лиценцирање“. Судот утврди дека во процесот биле почитувани сите процедури и нема основа за жалба.
Витезе се обиде да ја одбрани својата позиција, тврдејќи дека локални инвеститори ги презеле акциите и дека иднината на клубот е обезбедена, но судијата нагласи дека прекршувањата од минатото не можат да се игнорираат.
Оваа одлука значи и откажување на натпреварот од првото коло против Алмер Сити. Клубот, кој никогаш не бил шампион, го доживеа најголемиот успех во 2017 година со освојувањето на Купот на Холандија.
„Што ни носи иднината не е јасно. Ги разгледуваме сите опции за да го задржиме фудбалот во Архем“, соопшти раководството на Витезе.


