КОШАРКАРСКИ ЗЕМЈОТРЕС ВО БРАЗИЛ – Наместени натпревари и српска врска
Обложувалниците го активираа алармот, а клубот се најде во центарот на аферата

Голем кошаркарски скандал го потресува Бразил, откако два натпревари од националното првенство се најдоа под истрага поради сомневања за местење резултати. Во аферата се инволвирани и српски кошаркари, тренери, како и финансиерот на клубот „Рио Кларо“, Светозар Поповиќ.
Според бразилските медиуми, ФИБА веќе започнала истрага за сомнителни исходи на натпреварите на Рио Кларо. Светската кошаркарска федерација била известена дека на овие средби биле уплатени големи суми пари во обложувалниците, што дополнително ги засили сомневањата за нерегуларности.
Под истрага се натпреварите Рио Кларо – Ботафого, кој заврши со победа на Ботафого од 74:61, при што биле забележани масовни уплати на облогот „минус“ со лимит од 160 поени. Контроверзен е и дуелот Рио Кларо – Сао Жозе, загубен со убедливи 95:64, каде што биле регистрирани значителни уплати за пораз на Рио Кларо со разлика поголема од 15 поени.
Администрацијата на националната лига соопшти дека веднаш по добиениот извештај ја информирала полицијата на сојузната држава Сао Паоло, како и министерствата за правда, финансии и спорт, заедно со Кошаркарската федерација.
Првите последици од аферата ги почувствуваа лица од Србија. Финансиерот на Рио Кларо, 38-годишниот Светозар Поповиќ, остана без дозвола за престој во Бразил и беше отстранет од клубот.
Поповиќ во Рио Кларо ги донел плејмејкерот Марко Рикал, државјанин на Босна и Херцеговина, бекот Немања Симовиќ, а пред два месеца за тренер бил назначен Слободан Николиќ. Сите тие се отпуштени од клубот.
Факт е дека во последниве години најголем дел од аферите со местење натпревари доаѓаат од Балканот, а и Македонија не остана имуна на ваквите појави. Најсвеж пример е фудбалскиот натпревар Кожув – Башкими, кој исто така е предмет на истрага.


