КОРИСНИЦИТЕ САМИ ЌЕ ОДЛУЧУВААТ – „Фајрфокс“ нуди исклучување на вештачката интелигенција со еден клик

Новата опција „Контроли на ВИ“ им овозможува на корисниците со еден клик да ги исклучат сите или дел од ВИ-функциите во пребарувачот.

КОРИСНИЦИТЕ САМИ ЌЕ ОДЛУЧУВААТ – „Фајрфокс“ нуди исклучување на вештачката интелигенција со еден клик
Фото: Принтскрин

Интернет-пребарувачот Mozilla Firefox воведува нова функција наречена „Контроли на ВИ“, со која корисниците ќе можат со еден прекинувач целосно да ги исклучат вградените алатки со вештачка интелигенција. Новитетот им дава целосна контрола врз тоа како и дали ВИ ќе функционира во пребарувачот и од целосно блокирање, преку селективно исклучување, до повторно активирање на одредени функции.

Клучната опција, „Блокирај подобрувања на ВИ“, ги деактивира ВИ-предлозите, паметните асистенти и идните генерички интеграции, без потреба од навлегување во сложени и скриени поставки. Со овој потег, Mozilla одговара на растечката загриженост на корисниците за приватноста, прекумерната автоматизација и наметнатите ВИ-надградби, позиционирајќи се меѓу првите големи пребарувачи што нудат јасна можност за откажување од ВИ, наместо таа да биде вклучена по дифолт.

„Вештачката интелигенција го менува вебот, а луѓето сакаат различни работи од неа. Некои не сакаат никаква поврзаност со ВИ, додека други сакаат алатки што навистина им се корисни. Слушањето на нашата заедница и нашата посветеност на избор нè доведе до создавање на ‘Контролите за ВИ’“, соопшти компанијата во својата блог-објава.

Новите функции ќе започнат да се воведуваат со верзијата „Firefox 148“, која ќе биде објавена на 24 февруари. Контролите ќе бидат достапни во поставките на десктоп-верзијата на пребарувачот.

„Вештачката интелигенција секогаш треба да биде избор, нешто што лесно може да се исклучи. Луѓето треба да разберат зошто некоја функција работи на одреден начин“, се наведува во соопштението.

Објавата доаѓа по назначувањето на Ентони Ензор-Демео за извршен директор на Mozilla во декември. При преземањето на функцијата, тој најави дека компанијата ќе инвестира во развој на ВИ и ќе воведува нови функции во Firefox, но секогаш како опционален избор за корисниците.

CATEGORIES
Share This