КОНСУЛТАЦИИ СО ЕВРОПСКИ И БАЛКАНСКИ ХИРУРЗИ – Внимателен третман на изгорениците и лузните
Повредените од трагедијата во „Пулс“ добиваат третман од психијатри, дерматолози, пулмолози и хирурзи.

Повеќе специјалисти од различни медицински области се вклучени во третманот на повредените од трагедијата во дискотеката „Пулс“, изјави докторката на кочанската болница, Катерина Паниќ-Мирчовска. Таа посочи дека во грижата за пациентите учествуваат психијатри, дерматолози, пулмолози и хирурзи, кои ја следат нивната здравствена состојба и работат на нивниот третман.
„Организирани се повеќе специјалисти од различни области. Психијатрите, дерматолозите, пулмолозите и хирурзите активно работат со повредените. Вчера, на конференцијата присуствуваа и повеќе хирурзи од Европа и Балканот, што ни овозможи да ги консултираме за понатамошни посложени интервенции“, изјави Паниќ-Мирчовска.
Таа додаде дека во блиска иднина ќе започнат хируршки интервенции кај дел од пациентите, но нагласи дека станува збор за сложени повреди и лузни од изгореници, па затоа постапките мора да се вршат внимателно.
„Станува збор за сложени лузни и повреди, па не треба да се брза. Секоја избрзана одлука може да создаде нова лузна. Особено внимателни сме со лузните на прстите, рацете и лицето“, истакна таа.
Паниќ-Мирчовска посочи дека физичката активност може да помогне во рехабилитацијата, па спортот се користи и како форма на физикална терапија, особено за пациентите со изгореници на рацете.
Изјавата е дадена по повод хуманитарен кошаркарски натпревар организиран во спомен на жртвите од трагедијата што се случи на 16 март 2025 година.


