ОБЈАВЕН КОНКУРСОТ ЗА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА Фокус на стручното образование и зголемен интерес за дуалните паралелки, гимназиите нема да страдаат

Министерството за образование и наука (МОН) го објави годинешниот Конкурс за упис во средните училишта за учебната 2025/2026 година, во кој доминантен фокус е ставен на стручното образование. Од вкупно 27.600 ученички места за упис во прва година, дури 18.000 се резервирани за стручните училишта, од кои 6.700 за дуалното образование. За гимназиите се предвидени 7.900 места, а остатокот е наменет за уметничките училишта и Спортската гимназија.
Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека бројот на дуални паралелки е зголемен врз основа на анализите на локалниот пазар на труд и интересот од страна на компаниите. Според неа, над 550 компании веќе активно соработуваат со училиштата, а се очекува овој број дополнително да расте.
„Очекувам оваа година процесот да биде на задоволително ниво. Дуалните паралелки овозможуваат учениците по завршување на образованието да останат на работа во компаниите и на тој начин да се задржат во земјата“ – изјави Јаневска на настан во Машинскиот факултет, каде беше донирана нова лабораториска опрема.
Во изминатите две години, дури две третини од запишаните ученици се одлучиле за стручно образование. Јаневска уверува дека тоа нема да има негативен ефект врз гимназиското образование, туку ќе придонесе за адаптација на општеството кон потребите на државата. Според неа, пазарот на труд сѐ повеќе бара стручни кадри, додека гимназиите се избор главно за ученици кои планираат понатамошно образование.
„Нема да има негативен ефект, напротив, очекувам целото општество да се прилагодува на потребите на државата. Имаме извоз на мозоци и недостиг на работна сила и тоа е проблем кој мора да се решава. Затоа што доколку имаат можност, преку дуалните паралелки, учениците да останат на работа во компаниите, тие и ќе останат во земјава. Со завршување на средно стручно тие веднаш можат да влезат на пазарот на труд или да го продолжат своето образование, додека гимназиското образование генерално се предвидува за оние кои веќе знаат дека ќе го продолжат своето образование. Затоа што пазарот на труд бара помалку такво општо образование откоку што бара стручно образование“ – рече Јаневска.
Пријавувањето за упис ќе се врши електронски преку системот на МОН (https://euslugi.mon.gov.mk/) со кориснички сметки на платформата schools.mk. За учебната 2025/2026 година, се предвидени три уписни рока:
-
Прв рок: Електронско пријавување од 14 до 17 јуни 2025. Поднесување документи: 18 и 19 јуни. Ранг-листи: 20 јуни.
-
Втор рок: Пријавување на 30 јуни, доставување документи на 1 јули, конечни резултати на 2 јули.
-
Августовски рок: Пријавување на 21 август 2025.
Конкурсот содржи и детални информации за критериумите за упис, минимум поени, потребна документација и упатства за целокупниот процес.


