КОНФИСКАЦИЈА НА ВОЗИЛА – Стартува „Безбеден град“

На прес-конференцијата посветена на годишниот извештај на МВР, одговарајќи на новинарско прашање, министерот најави дека стартот на системот се очекува на 1 јануари 2026 година и дека ќе следуваат построги мерки за сообраќајни прекршоци - вклучително и можноста за конфискација на возила.

КОНФИСКАЦИЈА НА ВОЗИЛА – Стартува „Безбеден град“
Фото: МВР

За да се стави во функција системот „Безбеден град“, неопходно е да се изменат околу шест до седум закони, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Како што појасни, постапката за измена на секој од овие закони веќе е започната, и тоа не само за оние директно поврзани со имплементацијата на системот, туку и за такви што ќе овозможат суштински разлики и јасно раздвојување на досегашното безредие од новиот концепт на ред и законитост.

На прес-конференцијата посветена на годишниот извештај на МВР, одговарајќи на новинарско прашање, министерот најави дека стартот на системот се очекува на 1 јануари 2026 година и дека ќе следуваат построги мерки за сообраќајни прекршоци – вклучително и можноста за конфискација на возила.

„Кривичниот законик не е директно поврзан со „Безбеден град“, но неговата измена е клучна за разликување што претставува кривично дело, а што прекршок. Тоа е важно за да можеме да делуваме превентивно и да постигнеме намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви. Во иднина, за оние кои безобзирно управуваат со возила, ќе се преземаат многу построги мерки – вклучувајќи и одземање на возилото, нагласи Тошковски.

Тој истакна дека системот „Безбеден град“ веќе е применет во повеќе држави со позитивни резултати и изрази уверување дека истото ќе се случи и во Македонија.

„Проектот започна пред многу години, ако не се лажам пред околу десет. Надградуван е од претходната влада и понатаму во изминатата година. Се надевам дека конечно ќе го видиме неговиот целосен ефект, рече министерот.

Иако не прецизираше колкава е вкупната инвестиција во овој проект, потенцираше дека станува збор за „сигурно многу“ средства.

„Затоа е навистина жално што досега не беше ставен во функција. Но ние ќе го реализираме, и граѓаните ќе го почувствуваат неговиот бенефит, бидејќи има огромен потенцијал, подвлече Тошковски.

Во однос на безбедноста во сообраќајот, тој нагласи дека, и покрај одреден напредок и намалување на тешките сообраќајни несреќи и повреди, бројот на загинати сè уште е превисок.

 „Ова останува еден од најважните приоритети на кои работиме“, заклучи министерот.

CATEGORIES
Share This