КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИД Јакнење на културата во Југоисточна Европа

Заштита на културното наследство како одговорност кон идните генерации

КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИД Јакнење на културата во Југоисточна Европа
Фото: Национал

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на отворањето на министерската конференција на „Советот на министри за култура од Југоисточна Европа – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ (КОМОКОСЕЕ) во Охрид истакна дека заштитата на културното наследство бара внимателно и одговорно управување.

„Нашето културно наследство, како материјален и нематеријален ресурс, е стратешки капитал. Во услови на климатски промени, деградација на просторот и притисок од масовниот туризам, неопходно е да применуваме интегрирани методологии што ги поврзуваат научните знаења, стручните практики и современите технологии. Заштитата на наследството е одговорност кон идните генерации“, рече министерот.

Љутков посочи дека глобалните кризи во последната деценија ја истакнуваат важноста културата да биде интегриран дел од општествениот развој. Според него, Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа, усвоена во Охрид во 2014 година, поставила важни темели за соработка, но денес е потребно тие да се надградат со поефикасни механизми и засилена доверба меѓу земјите од регионот.

Министерот го нагласи значењето на заштитата на културното наследство, дигиталната трансформација и зголемената улога на локалните заедници како клучни елементи за развој на современи културни политики. Тој го потенцираше и предлогот за воспоставување Регионален фонд за културна соработка, кој ќе обезбеди поголема стабилност и професионализација на заедничките активности.

„Регионалниот фонд може да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности. Верувам дека 2026 година, кога Република Молдавија ќе претседава со Советот на министри за култура, е реална можност фондот да биде воспоставен, што ќе ја потврди нашата способност и зрелост да го претвориме заедничкиот интерес во конкретен механизам“, рече Љутков.

Министерот се заблагодари на партнерите од УНЕСКО, Европската Унија и Советот на Европа, нагласувајќи дека нивната поддршка е признавање на потенцијалот на регионот и поттик за понатамошна интеграција на заедничките културни политики.

Дводневната конференција во Охрид ја организира Министерството за култура и туризам, кое е претседавач со КОМОКОСЕЕ. На настанот учествуваа министри за култура, заменици-министри и шефови на делегации од Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија, Грција, Романија, како и бројни експерти.

Директорката на Регионалното биро на УНЕСКО, Ландри, истакна дека ја воодушевил Охрид како културно-историско богатство заштитено од УНЕСКО.

„Видов голем број археолошки локалитети, споменици на културно и религиско наследство и напорите вложени за нивна заштита. Очигледна е длабочината и испреплетеноста на различните наследства, кои создаваат комплетна и впечатлива слика“, рече таа.

На конференцијата, со акламација беше усвоена „Охридска декларација 2025“, која ја потврдува заедничката посветеност на земјите од Југоисточна Европа за зајакнување на регионалната културна соработка, одржливиот развој и заштитата на културното наследство.

Следната 2026 година, со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа ќе претседава Република Молдавија.

CATEGORIES
Share This