КОНЦЕРТ ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА Италијанската пијанистка Цинзија Бартоли ќе настапи утре во Скопје

Денес со почеток од 20:30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, љубителите на класичната музика ќе имаат ретка можност да уживаат во концертот на прочуената италијанска пијанистка Цинзија Бартоли.
Бартоли е музичар со исклучително богата интернационална кариера. Студирала на Конзерваториумот „Н. Паганини“ во Џенова, а потоа се усовршувала во Париз, Милано и Асизи со некои од најголемите имиња од европската и унгарската пијанистичка школа.
Добитничка е на бројни меѓународни награди, меѓу кои први награди во Албенга и Стреза, како и втори награди на престижни натпревари во Франција и Италија.
Нејзината уметничка биографија вклучува концерти во над 24 земји на пет континенти, каде настапувала и како солист и како камерен музичар. Бартоли е призната како врвен интерпретатор на делата на Морис Равел – нејзиниот изведен интеграл на Равел во Париз во 2019 година, како и студиската снимка за „Кентаур рекордс“ во 2023 година, беа поздравени со пофалби од музичките критичари.
Покрај нејзината концертна активност, Цинзија Бартоли е и етаблиран музички педагог, професорка на постдипломски студии, предавачка на мајсторски курсеви и членка на жири на бројни интернационални натпревари. Таа е основач и претседател на Музичкото друштво „Дионисо“ во Савона, кое организира концерти и културни настани веќе 35 години.
Концертот се реализира со поддршка од културни институции и е дел од програмата за промоција на врвни европски уметници во Македонија. Влезот е слободен.


