КОМУНАЛНА ХИГИЕНА ЈА ЗАГРОЗИЛА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА Директорот Рустеми зад решетки
Ваквите наоди се потврдени со вонредни инспекциски контроли спроведени по насока на Јавното обвинителство и со експертско мислење од Институтот за јавно здравје, кое укажува на ризик од појава и ширење на заразни болести.

Кривичниот суд одреди 30-дневен притвор за директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Сабахудин Рустеми, и управителот за отпад во претпријатието, по барање на Обвинителството. Двајцата се осомничени за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ согласно член 230 став 1 од Кривичниот законик.
„Судот им одреди притвор на осомничените С. Р. и А. С., вработени во ЈП ‘Комунална хигиена‘, поради постоење на основи дека можат да ја попречат истрагата, да влијаат врз сведоци или да го повторат делото“, соопштија од Кривичниот суд.
Против решението за притвор странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Според Обвинителството, осомничените постапиле спротивно на Законот за управување со отпад, не ги спровеле обврските од Оперативната програма за собирање и транспортирање на отпадот и Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Скопје.
Поради пропуштање на надзорот и неправилно управување со отпадот, на повеќе јавни и сообраќајни површини во градот се создале мали диви депонии, со што било нарушено квалитетот на воздухот, почвата и водата, а бил доведен во опасност животот и здравјето на граѓаните.
Ваквите наоди се потврдени со вонредни инспекциски контроли спроведени по насока на Јавното обвинителство и со експертско мислење од Институтот за јавно здравје, кое укажува на ризик од појава и ширење на заразни болести.


