КОМИЧНО, ТРАГИЧНО, НЕЗАБОРАВНО – „Дон Џовани“ на сцената на Националната опера и балет

Хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет ќе ги понесат гледачите во светот на Моцарт.

КОМИЧНО, ТРАГИЧНО, НЕЗАБОРАВНО – „Дон Џовани“ на сцената на Националната опера и балет
Фото: Принтскрин

По подолга пауза, на сцената на Националната опера и балет повторно ќе оживее едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност – „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт. Премиерата е закажана за 7 февруари со почеток во 19:30 часот. Ова спектакуларно остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст, спојувајќи комично и трагично, и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата ќе се одвива под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, во режија на Лев Пуљиезе, исто така од Италија. Сценографијата е дело на Марија Ветероска, костимите ги потпишува Марија Пупучевска, а кореографијата е на Олга Панго. Концерт-мајстор е Климент Тодороски, додека хорот го водат Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ претставува сложен портрет на вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат лик полн со психолошка длабочина, кој и денес силно резонира со современата публика. Со својата музичка генијалност и драмска интрига, ова дело го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.

CATEGORIES
TAGS
Share This