КОЛАПС НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ – ЈСП изгуби 30 милиони патници годишно

Истражувањето покажува драстичен пад на бројот на патници, намален возен парк и ограничени дневни капацитети

КОЛАПС НА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ – ЈСП изгуби 30 милиони патници годишно
Фото: Национал

Центар за граѓански комуникации ги објави резултатите од истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавно сообраќајно претпријатие Скопје, кои укажуваат на сериозно влошување на состојбата со јавниот автобуски превоз во главниот град.

Податоците покажуваат дека во изминатите десет години бројот на превезени патници е намален за околу 30 милиони годишно. Во 2015 година со автобусите на ЈСП се превезувале околу 52 милиони патници, додека денес тој број е сведен на приближно 22 милиони годишно.

ЈСП располага со вкупно 341 автобус, но дневно технички исправни се само 185, а во сообраќај редовно се вклучуваат околу 157 автобуси. Бројот на исправни возила континуирано опаѓа и пред една деценија претпријатието имало 316 исправни автобуси, наспроти сегашните 185.

Со намалувањето на возниот парк, се зголемува и просечната старост на автобусите, која сега изнесува 13,3 години и највисока во последните десет години. Над 80 проценти од автобусите се од кинеската марка „Јутонг“ и украинската „ЛАЗ“, а во употреба сè уште се и десет автобуси од марката „Санос“, стари по 33 години.

Од аспект на заштитата на животната средина, само околу 10 проценти од автобусите ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди Еуро 6, додека најголемиот дел се со стандарди Еуро 4 и Еуро 5.

CATEGORIES
Share This