КОЧАНИ ТАГУВА АМА НЕ МОЛЧИ Со велосипедска тура им оддаде почит на жртвите од „Пулс“
На иницијатива на родителите на настраданите и со поддршка од локалната самоуправа, се одржа велосипедска тура низ градот, во која учествуваа над 300 спортисти.

Точно во 12:05 часот, со едноминутен молк пред дискотеката „Пулс“, граѓаните на Кочани им оддадоа почит на 62-те млади животи што беа загубени во трагичниот пожар што избувна на 16 март. Симболично, молкот претставуваше протест против задоцнетата институционална реакција.
На иницијатива на родителите на настраданите и со поддршка од локалната самоуправа, се одржа велосипедска тура низ градот, во која учествуваа над 300 спортисти. Во дефилето, покрај велосипедистите, учествуваа и тркачи, меѓу кои и многу деца. Организаторите потенцираа дека безбедноста е приоритет, имајќи го предвид чувствителниот карактер на настанот.
„Дали треба да се случи трагедија за да се сплотиме и да си подадеме рака? Овде сме, не се откажуваме и нема да се предадеме. Ќе се бориме за одговори и правда“, изјави Жаклина Пауновска-Ангеловиќ, една од родителите на настраданите млади.
Инаку, на 16 март, доцна вечерта, избувна пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што животите ги загубија 62 млади лица, а стотици други беа повредени. Според првичните извештаи, пожарот настанал како последица на електричен дефект, а во моментот во објектот се одржувала организирана прослава.
Веднаш по несреќата, беа мобилизирани пожарникарските и медицинските служби, но поради густината на чадот и недостигот од доволно излези за евакуација, многумина не успеале навремено да го напуштат објектот.
Министерството за внатрешни работи веднаш отвори предистражна постапка, а досега се испрашани десетици сведоци, меѓу кои и вработени, организатори и лица одговорни за безбедносните стандарди на објектот. Јавниот обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека истрагата се води за „тешки дела против општата сигурност“, а не се исклучува можноста за проширување на обвиненијата доколку се утврдат дополнителни одговорности.
„Очекуваме до 17 јуни да заврши истражната постапка. Работиме темелно, со ангажман на 13 обвинители, и ќе побараме највисоки санкции за одговорните“, порача Коцевски.
Од општина Кочани изразија жалење за трагедијата и ветија целосна поддршка за семејствата на жртвите, како и посветеност кон подобрување на безбедносните стандарди во јавните простори.
Трагедијата во „Пулс“ отвори многу прашања за безбедноста, контролата на јавни објекти, како и капацитетот на институциите за справување со вакви кризи. Граѓаните бараат правда, одговорност и системски промени за да се спречи вакво нешто да се повтори.
По поминати речиси два месеца од трагичниот настан, градот и понатаму е обвиен во тишина и болка. Жителите на Кочани велат дека ќе бидат потребни децении за да се врати животот во нормала.


