КОЈ ДОБИВА ДРЖАВНА ПОМОШ – Системот ќе ја открие вистината
Регистарот ќе овозможи прецизно следење на износите, намената и ефектите од секоја програма.

Податоците за доделената државна помош во земјава се распрснати во повеќе институции, што ја отежнува јавната контрола и планирањето економски политики. На денешната панел-дискусија „Зајакнување на управувањето со државната помош во Западен Балкан“, експертите посочија дека е потребен единствен, систематизиран регистар кој ќе покажува кој добива помош, по кој основ, во каков износ и со каква цел.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласи дека транспарентноста и ефективноста се клучни: државната помош треба да биде инвестиција во конкурентноста и одржлив раст, со јасни цели и мерливи резултати.
Благица Петрески од Finance Think додаде дека моментално нема податоци за микро-доделената помош, што го отежнува мерењето на ефектите и креирање политики. Таа препорача што побрзо да се изгради централниот регистар за државна помош и да се спроведува оценка на ефектите од секоја мерка.
Според податоците на Комисијата за заштита на конкуренцијата, државната помош во 2023 година изнесувала 206 милиони евра (околу 1,5% од БДП), а во 2024 достигнала 235,2 милиони евра (1,52% од БДП). Најголема поддршка се доделува за земјоделство и бизнис сектор, особено за време на кризни периоди како КОВИД-кризата.


