КИРО ГЛИГОРОВ ПРЕЖИВЕА – Атентатот останува мистерија три децении

И денес, три децении подоцна, атентатот врз претседателот Глигоров останува една од најголемите мистерии во современата македонска историја - нерешен случај што засекогаш го обележа политичкиот живот на државата.

КИРО ГЛИГОРОВ ПРЕЖИВЕА – Атентатот останува мистерија три децении
Фото: Архива Национал

На денешен ден, пред 30 години – на 3 октомври 1995 година беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров. Иако со тешки повреди на главата, тој успеа да го преживее нападот, но атентатот однесе неколку животи и остави длабоки траги во колективната меморија на државата. На лице место загина неговиот возач Александар Спировски, подоцна почина случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени телохранителот Илчо Теовски, Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба, скриена во возило „цитроен ами 8“ наполнето со 20 килограми експлозив. Експлозијата, активирана со далечински управувач во 9:50 часот пред хотелот „Бристол“ во Скопје, беше внимателно подготвена и насочена кон службеното возило на претседателот. Според истрагата, употребениот експлозив бил од југословенско производство и дополнет со стотици челични топчиња со смртоносно дејство.

И покрај обемната истрага на македонските и странските служби, ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот никогаш не беа откриени. Во јавноста циркулираа повеќе верзии и шпекулации за вмешаност на југословенската служба КОС, бугарската бизнис-групација „Мултигруп“, таканаречената „Братиславска врска“ или пак структури од српско-руското подземје.

Атентатот се случи во време на чувствителни политички и геополитички процеси: Македонија штотуку ги започнуваше евроатлантските интеграции, а ден пред нападот Глигоров се сретна со српскиот претседател Слободан Милошевиќ и постигна договор за меѓусебно признавање.

Истрагата под кодно име „Автомобил“ опфати повеќе од 30.000 претресени возила, илјадници објекти и речиси 200.000 легитимирани лица. Но и покрај обемот, остана без конечен резултат. Додадениот сомнеж го зголемија и неколкуте невообичаени смртни случаи на лица вклучени во истрагата, официјално објавени како самоубиства.

Киро Глигоров, човекот кој ја предводеше Македонија во тешките години на нејзината независност, ја раскажа својата верзија за настаните во книгата „Атентат – ден потоа“. Почина од природна смрт на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст.

И денес, три децении подоцна, атентатот врз претседателот Глигоров останува една од најголемите мистерии во современата македонска историја – нерешен случај што засекогаш го обележа политичкиот живот на државата.

CATEGORIES
TAGS
Share This