КИНОТЕКАТА СТАРТУВА СО „ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА 2025“ – Програма за млади креатори на филм
Програмата ќе се одвива секоја сабота до почетокот на декември, а младите учесници ќе поминат низ целиот процес на создавање краток филм – од идеја и сценарио до снимање, монтажа и финална проекција.

Од 13 септември, Кинотеката на Македонија ја започнува новата Филмска училница, наменета за ученици од 11 до 14 години. Програмата ќе се одвива секоја сабота до почетокот на декември, а младите учесници ќе поминат низ целиот процес на создавање краток филм – од идеја и сценарио до снимање, монтажа и финална проекција.
Училницата ќе ја води режисерот и едукатор Саша Станишиќ, со поддршка од кинематографери, монтажери, сценаристи и продуценти како гости-предавачи.
Проектот е дел од меѓународната иницијатива FilmED, финансирана од ЕУ преку програмата Creative Europe – MEDIA, во соработка со институции од Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, под координација на Гете-институтот во Прага.
Со оваа програма Кинотеката ја продолжува својата мисија за развој на филмска писменост и поттикнување на нови генерации млади креатори.


