КИНА ДОСЛЕДНО – Што и да се случува употребата на нуклеарно оружје е неприфатлива
Портпаролката на кинеското МНР истакна дека Кина секогаш се залага за мир и контрола на нуклеарното оружје.

Кина е доследна во својот став дека употребата на нуклеарно оружје е неприфатлива и се залага за спречување на нуклеарна војна, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
„Во принцип, Кина постојано нагласува дека употребата на нуклеарно оружје е неприфатлива, дека треба да се спречи нуклеарна војна и дека строго треба да се почитуваат меѓународните обврски за неширење на нуклеарно оружје“ – рече Мао Нинг.
Таа ова го изјави како одговор на прашање од РИА Новости за тврдењето на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) дека Велика Британија и Франција се подготвуваат да испорачаат нуклеарно оружје на Украина.
Портпаролката додаде дека не е запознаена со таа ситуација.
Претходно, во вторник, СВР објави дека Велика Британија и Франција се подготвуваат да достават нуклеарно оружје на Украина. Според руската служба, целта на европските земји е Киев да има можност за преговарање за поповолни услови за прекин на непријателствата, доколку поседува нуклеарна бомба или „валкана“ бомба.


