КАТИЦА ЈАНЕВА НА СЛОБОДА – Условен отпуст за поранешната специјална обвинителка

Поранешната специјална обвинителка ќе биде под надзор на судот до истекот на седумгодишната казна во 2027 година

КАТИЦА ЈАНЕВА НА СЛОБОДА – Условен отпуст за поранешната специјална обвинителка
Фото: Принтскрин

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева доби условен отпуст и на почетокот на неделава го напушти КПУ „Идризово“, каде од 2021 година ја издржуваше затворската казна. Јанева сега има обврска до истекот на седумгодишната казна, во 2027 година, редовно да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје и строго да ги почитува сите пропишани услови. Во спротивно, таа може повторно да биде вратена во затвор.

Апелациониот суд Скопје во јули 2021 година ѝ ја потврди седумгодишната затворска казна за предметот „Рекет“, во кој беше осудена заедно со Бојан Јовановски познат како Боки 13.

Јовановски беше осуден за изнуда на еден милион евра од бизнисменот Орце Камчев, со тврдења дека ќе влијае врз Јанева за да му понуди спогодба и да избегне затвор. Јанева, пак, беше осудена за примање мито.

За време на издржувањето на казната, Јанева имаше одредени олеснувања, но дел од привилегиите ѝ беа укинати по контрола на новото раководство на Управата за извршување на санкциите. Тогаш беше утврдено дека таа била работно ангажирана во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, каде што била пријавена како вработена, со обврска по завршувањето на работното време да се враќа во затворот.

Апсењето и затворската казна на некогашната прва обвинителка на тогашното „славно“ Специјално јавно обвинителство практично ставија крај на работата на СЈО. Ова обвинителство беше формирано со Пржинскиот договор, со цел да гони високи функционери поврзани со случаите од незаконското прислушување, спроведено под раководство на тогашниот шеф на УБК, Јордан Мијалков.

Скандалот со прислушувањето на илјадници граѓани, меѓу кои политичари, бизнисмени, новинари и други јавни личности, доведе до политички пресврт. На следните избори, тогашниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја загубија власта, а на чело на државата дојде лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со поддршка на Шарената револуција и силниот јавен притисок поради аферата со прислушувањето.

По преземањето на власта, Заев го смени името – Република Македонија со склучувањето на т.н. Преспански договор со Грција во 2018 година и се откажа од Македонците во Пиринска Македонија со склучувањето на Договорот со Бугарија во 2017 година.

CATEGORIES
TAGS
Share This