КАМИОНИ СО ЦРНИ ВРЕЌИ Крмзов уапсен за даночна измама од 90 милиони

Имотот на Крмзов е веќе замрзнат, но обвинителството се сомнева дека тоа ќе биде доволно за враќање на целата штета. Дел од потребните вештачења сè уште не се завршени, а постои можност истрагата да се прошири и на други лица.

КАМИОНИ СО ЦРНИ ВРЕЌИ Крмзов уапсен за даночна измама од 90 милиони
Фото: Национал

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, негови роднини, сметководители и инспектори од УЈП, осомничени за голема даночна измама која нанела штета од 90 милиони евра на државниот буџет.

Целата документација од фирмите поврзани со Крмзов, која е дел од доказите, била прибрана во црни вреќи и транспортирана со камиони на полицијата. Обвинителката Верица Бежецки-Крстева изјави дека шемата за измама открила сериозни слабости во институционалниот надзор и дека истрагата ќе биде непристрасна и без толеранција кон какви било влијанија.

Според обвинителството, преку фиктивни купопродажби на деловни објекти и станови во градба помеѓу 15 фирми, осомничените добиле незаконски поврат на ДДВ во износ од 38 милиони евра. Становите биле препродавани по неколкупати, без вистински паричен трансфер, но со лажни фактури кои биле користени за поврат на данок. Во многу случаи, истите фактури биле приложувани повеќе пати, а договорите не биле заведени во катастарот и без платен комунален данок.

Во измамничката шема се осомничени 23 лица, меѓу кои се управители на фирми, осум даночни инспектори и сметководители. Истрагата покажува дека уште во 2023 година УЈП испратила аларм до МВР поради сомнителни поврати на ДДВ кај овие струмички фирми.

Од 15-те фирми, само три имале реална деловна активност. Преку фиктивните трансакции, парите биле искористени за изградба на згради, исплата на плати, кредити и лични цели. Дел од становите биле продадени и на измислени купувачи од Косово.

Имотот на Крмзов е веќе замрзнат, но обвинителството се сомнева дека тоа ќе биде доволно за враќање на целата штета. Дел од потребните вештачења сè уште не се завршени, а постои можност истрагата да се прошири и на други лица.

Крмзов беше уапсен во понеделникот, а судот му одреди притвор од 30 дена.

CATEGORIES
TAGS
Share This