КАМЕРИТЕ ПОВЕЌЕ НЕМА САМО ДА ГЛЕДААТ Ќе казнуваат несовесни возачи
Камерите во Скопје, Тетово и Куманово од 1 февруари ќе бележат и автоматски ќе санкционираат сообраќајни прекршоци

Собранието денеска се очекува да даде „зелено светло“ за воведување на системот „Безбеден град“, со што камерите поставени низ Скопје, Тетово и Куманово од пасивни набљудувачи ќе станат активен инструмент за санкционирање на сообраќајните прекршоци. Законот се носи со двотретинско мнозинство, по претходно постигнат договор меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од 1 февруари започнува првата фаза од примената на системот, во која „окото“ на МВР автоматски ќе евидентира и казнува неколку типови прекршоци. Камерите ќе детектираат пречекорување на дозволената брзина, со воведена толеранција како кај полициските радари, минување на црвено светло на семафор, непрописно паркирање по градските сообраќајници, како и возење со истечена регистрација, односно неважечка сообраќајна дозвола.
Иако СДСМ најави дека нема да го поддржи законот, повикувајќи се на ризик од злоупотреба на личните податоци, власта уверува дека системот ќе придонесе за значително зголемување на безбедноста во сообраќајот. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, потенцираше дека само во тест-фазата на „Безбеден град“ биле спасени повеќе човечки животи.

