КАЛИФОРНИЈА ЈА ПРЕТРКА ЈАПОНИЈА Стана четврта најголема економија во светот
Со најголем удел во американското производство и земјоделство, Калифорнија е стратешки економски двигател. Таа е дом на водечките светски технолошки гиганти, центар на глобалната филмска и забавна индустрија, и локација на двете најголеми морски пристаништа во земјата.

Калифорнија официјално ја надмина Јапонија и се искачи на четвртото место на листата на најголеми светски економии, покажуваат најновите податоци од Меѓународниот монетарен фонд и Бирото за економски анализи на САД.
Според објавените статистики, бруто домашниот производ (БДП) на Калифорнија во 2024 година достигнал 4,10 трилиони долари, што е за нијанса повеќе од јапонскиот БДП, кој изнесувал 4,01 трилион долари. Пред Калифорнија сега се само САД како целина (29,18 трилиони долари), Кина (18,74) и Германија (4,65).
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја поздрави оваа вест како потврда за економската моќ и иновативност на сојузната држава.
„Калифорнија не само што го држи чекорот со светот, туку и го диктира темпото“ – рече Њусом.
Гувернерот Гевин Њусом објави дека Калифорнија минатата недела поднесе тужба во федералниот суд оспорувајќи ја употребата на вонредни овластувања од страна на претседателот за донесување широки царини што им штетат на државите, потрошувачите и бизнисите.
“Тужбата има за цел да го прекине царинскиот хаос на претседателот Трамп, кој предизвика хаос во економијата, ги дестабилизираше пазарите на акции и обврзници, предизвика стотици милијарди долари загуби и им нанесе повисоки трошоци на потрошувачите и бизнисите. Овие штети само ќе продолжат да растат, бидејќи се предвидува дека царините на претседателот Трамп ќе ја намалат американската економија за 100 милијарди долари годишно“ – се потенцира од канцеларијата на гувернерот на Калифорнија.
Со најголем удел во американското производство и земјоделство, Калифорнија е стратешки економски двигател. Таа е дом на водечките светски технолошки гиганти, центар на глобалната филмска и забавна индустрија, и локација на двете најголеми морски пристаништа во земјата.
Иако трите најголеми економии – САД, Кина и Германија – сè уште ја предничаат по апсолутен БДП, Калифорнија се издвојува со најбрз раст меѓу нив, што ја позиционира како клучен играч во глобалната економија.


