КАДЕ ИСЧЕЗНАА 200.000 МАКЕДОНЦИ ВО БУГАРИЈА Мицкоски со остра порака
Мицкоски апелираше до институциите на Европската Унија да внимаваат на реториката што доаѓа од некои европратеници и политичари од Софија, прашувајќи се дали таквите пораки се воопшто во склад со европските вредности.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, при посета на реконструираниот Институт за јавно здравје, изрази задоволство од извештајот на европратеникот Томас Вајц, оценувајќи дека документот јасно го истакнува посебниот и вековен македонски идентитет и јазик.
Притоа, тој предупреди на амандман предложен од европратеник од владејачката партија ГЕРБ во Бугарија, со кој, според Мицкоски, македонскиот идентитет се дефинира како „презент“ – како тековен или неодамнешен феномен. Според него, тоа е обид за рехабилитација на „Живковизмот“ – политика што, како што рече, имала за цел асимилација на Македонците.
„Не е проблем нашите 200.000 Македонци да бидат вклучени во бугарската преамбула. Проблемот е во нивниот обид за целосна асимилација и заживување на тезата дека македонскиот идентитет е вештачки создаден од Тито и Коминтерната – додаде премиерот.
Мицкоски апелираше до институциите на Европската Унија да внимаваат на реториката што доаѓа од некои европратеници и политичари од Софија, прашувајќи се дали таквите пораки се воопшто во склад со европските вредности.
„Во 1956 година, според бугарскиот попис, имало речиси 200.000 Македонци. Во 1965, само 9.000. Каде исчезнаа тие луѓе за девет години? Тоа е суштината на политиката на асимилација“ истакна Мицкоски.
Изјавата доаѓа во пресрет на гласањето за извештајот на Томас Вајц во Европскиот парламент, од кој македонската страна очекува јасна поддршка за својот идентитетски наратив.


