ИЗВЕШТАЈОТ НА ВАЈЦ – ЕУ повторно го бара Уставот, граѓаните уморни во чекалната за Унијата

Европските парламентарци ја критикуваат македонската политичка волја, но посочуваат и одговорност на Брисел.

ИЗВЕШТАЈОТ НА ВАЈЦ – ЕУ повторно го бара Уставот, граѓаните уморни во чекалната за Унијата
Фото: Принтскрин

Уставните измени остануваат главниот предуслов за продолжување на преговорите на Македонија со Европската унија, но одговорноста за застојот не лежи само во Скопје, туку и во Брисел порачаа повеќе европарламентарци на денешната расправа по извештајот на Томас Вајц за нашата држава.

За разлика од лани има и нови забелешки дека Европската дипломатија треба да се вклучи поактивно во барањето решение, дека агресивноста на бугарските европратеници е намалена и граѓаните на Северна Македонија се „уморни и исцрпени“ од евроинтеграцијата, откако земјата во 2005 година доби статус кандидат.

Сепак, главната одговорност за застојот беше посочена во македонската влада и недостигот на политичка волја за одблокирање на процесот, иако Владата продолжува да испраќа сигнали во Брисел за заинтересираност за членство и исполнување на барањата од Реформската агенда.

Ниту еден од говорниците – претседателот на Комитетот за надворешни прашања на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, известувачот Вајц, претставниците на Европската комисија и на Европскиот совет, ниту европарламентарците не пропушти да нагласи дека Македонија не напредува поради недостаток на политичка волја за измените на Уставот.

„Потребни се многу напори од многу страни, многу раце кои ќе помогнат земјата да тргне напред“, истакна Вајц.

Тој нагласи дека потребна е помош во секој аспект, од решавање на уставните измени, преку подготовка на законите од Реформската агенда, до нивно успешно спроведување.

Вајц ја истакна и потребата од ургентни странски инвестиции, особено во енергетиката, бидејќи главното производство на струја сè уште е базирано на јаглен, што предизвикува сериозно загадување на воздухот.

Вајц оцени дека прашањето за малцинствата е дел од успешната приказна на земјата, посебно имајќи ја предвид историјата на регионот. Тој потенцираше дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се дел од европското законодавство и треба да бидат внесени во Уставот, без да се спомнат директно Бугарите.

„Инклузијата и споделувањето на власта меѓу мнозинството и малцинствата е клучна компонента за успешната приказна на земјата“, истакна Вајц.

Во однос на прогресот и предизвиците, извештајот го нагласи напредокот на земјата во изградба на коридорите 8 и 10д, усогласување со надворешната политика на ЕУ, поддршка на Украина, влегување во СЕПА и подобрени оценки за клучните реформи во споредба со другите земји кандидати.

Сепак, забележано е мало назадување во медиумските слободи и недоволен напредок во владеењето на правото. Вајц порача дека напорите треба да се забрзаат за исполнување на Реформската агенда до јуни.

Неколку европски парламентарци за Македонија имаа свое зилагање. Матеј Тонин (Словенија) вели дека реформскиот моментум бара политичка одлучност околу уставните измени. Македонија треба да го одблокира својот потенцијал и да го искористи успешното искуство со малцинствата.  Тиј Реутен (Холандија) истакна дека граѓаните се уморни и им треба видлив напредок, а причините за застојот се и во земјата и во Европскиот совет, кој не обезбедил кредибилна перспектива. Антонио Тангер Кореа (Португалија) вели дека Македонските граѓани се одалечуваат од ЕУ, потребна е поддршка, а не пречки, за да се одржи регионот на патот на соработка и стабилност.

Од друга страна Бугарските европратеници проблемите ги лоцираа во македонската политичка елита и јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, кои често ја засилуваат конфронтацијата кон опозицијата, медиумите и соседните земји. Тие истакнаа дека нема значаен напредок во борбата со корупцијата, нема вистинска независност на судството и обвинителството и дека недостасува политичка волја и стратешка визија за ЕУ-интеграција.

Претставниците на ЕК и Европскиот совет ги истакнаа патоказот за јавната администрација, услов за отворање на првиот кластер во преговорите, подготвениот Акциски план за малцинствата, патоказот за владеење на правото, новиот закон за обвинителствата и најавите за работа на нов изборен и Кривичен закон.

Пораката беше дека, и покрај ограничениот напредок, Северна Македонија покажува заинтересираност за продолжување на реформите што ги бара Европската комисија.

CATEGORIES
TAGS
Share This