ИЗРАЕЛСКИ НАПАД ВРЗ НОВИНАРСКИ ШАТОР ВО ГАЗА – Убиени петмина новинари на Ал Џезира

Петмина новинари на Ал Џезира, меѓу кои и познатиот дописник Анас ал-Шариф, беа убиени во неделата вечерта во израелски воздушен напад врз новинарски шатор пред главната порта на болницата „Ал Шифа“ во градот Газа. Во нападот загинаа и дописникот Мухамед Креикех, како и снимателите Ибрахим Захер, Мухамед Нуфал и Моамен Алива. Вкупно седум лица го загубија животот, објави телевизијата.
Кратко пред смртта, 28-годишниот ал-Шариф на платформата X предупреди за „интензивно и концентрирано бомбардирање“ врз источните и јужните делови на Газа, објавувајќи видео на кое се слушаат силни експлозии и се гледа небото осветлено од огнени блесоци.
Ал Џезира го осуди нападот како „уште еден очигледен и однапред планиран напад врз слободата на медиумите“ и побара меѓународна акција за запирање на „геноцидното дејствување и намерното таргетирање на новинарите“.
Израелската војска го обвини ал-Шариф за раководење со ќелија на Хамас и организирање ракетни напади, тврдејќи дека поседува докази за неговата поврзаност. Но, според Euro-Med Human Rights Monitor, нема докази дека новинарот учествувал во непријателства, туку дека целосно се посветил на известување од терен.
Од почетокот на воената офанзива во октомври 2023 година, израелските сили убиле над 200 новинари и медиумски работници во Газа, според новинарските организации, меѓу кои и неколкумина од Ал Џезира и нивни роднини.


