ИЗНЕНАДЕНОСТ ОД ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП ЗА ЦАРИНИ – Европа ќе одговори координирано
Францускиот претседател Макрон истакна дека заканите со царини се неприфатливи за Европа

Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмунсен, изрази изненадување од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини кон европските земји кои не му дозволуваат да го добие Гренланд.
„Постојано сме во контакт со Европската комисија и нашите партнери по ова прашање“, рече Расмунсен, само неколку дена по разговорите во Белата куќа со американски и гренландски претставници за Гренланд.
Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека заканите за царини се неприфатливи. Тој преку својот профил на X објави:
„Никакви закани или притисоци не можат да влијаат врз нас. Царините се неприфатливи.“
Макрон нагласи дека европските земји ќе одговорат на единствен и координиран начин за да се заштити европскиот суверенитет, реагирајќи на ветувањето на Трамп за нови царини против Франција и уште седум европски земји кои не го прифаќаат договорот за целосно стекнување на Гренланд од страна на САД.


